-Бугарија е најголемиот поддржувач на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и особено на братска Република Македонија, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев додава дека тоа ќе зависи од индивидуалниот напредок и исполнувањето на копенхашките критериуми за членство од страна на сите земји кандидати.
Радев рече дека верува оти сите ветувања и заложби на Република Македонија за спроведување на билатералниот договор ќе бидат исполнети со цел да се забрза процесот на нејзината европска интеграција.
Сепак, Радев, паралелно со тоа, изрази очекување дека „ќе се решат сите отворени прашања, како што се гарантирањето на уставните гаранции за правата на македонските Бугари, откажувањето од говорот на омраза, завршувањето на процесите на дебугаризација, на фалсификувањето на нашето милениумско културно-историско наследство што ќе помогнат и ќе го забрзаат процесот за да можеме да ја отвориме вратата за преговори за членство на земјата“.