Според него, конфликтот во Украина не може да се реши со дополнителна воена помош, туку преку дипломатски напори
Бугарија нема да се приклучи на „Коалицијата на подготвените“, меѓународната иницијатива што се залага за продолжување на финансиската и воената поддршка за Украина, изјави денес Румен Радев. Тој нагласи дека земјата треба да биде насочена кон дипломатски активности за прекин на војната, а не кон нејзино натамошно продлабочување.
Радев посочи дека лично добил покана од францускиот претседател Емануел Макрон да се приклучи на иницијативата, но оценил дека Бугарија нема место во формат кој поддржува континуирана воена помош за Киев, пренесува порталот „Новините“.
„Ние не учествуваме во коалиција која инсистира на континуирана финансиска и воена помош за Украина. Ние не даваме таква помош затоа што верувам дека решението за овој конфликт не е во неговото продолжување со воени средства, туку во силна дипломатска мисија за прекин на ескалацијата“, рече Радев, пренесува БТА.
Поканата за Париз била упатена до сите лидери
Одговарајќи на прашање дали на официјалната вечера во Париз присуствувале и други лидери кои не се дел од „Коалицијата на подготвените“, Радев рече дека поканата била испратена до сите.
„Се сретнав со колеги кои не беа дел од „Коалиција на подготвените“, но беа на вечерата и приемот што ги организираше претседателот на Франција“, изјави тој.
Безбедносните одлуки, според Радев, се носат во ЕУ и НАТО
Осврнувајќи се на новата иницијатива за зајакнување на заштитата од руски балистички ракети, Радев истакна дека прашањата поврзани со безбедноста на Бугарија се решаваат во рамките на Европската Унија и НАТО.
„Досега видовме многу предлози и идеи, но одлуките се носат во различен формат. Бугарија активно учествува во сите овие формати, каде што се носат одлуки“, рече Радев.
