Фејсбук планира да го промени името на компанијата во текот на следната недела со што ќе го одрази својот фокус на изградбата на метаверзумот, објави „Д Врџ“ (The Verge) повикувајќи се на извор упатен во ситуацијата.
Претстојната промена на името, за која извршниот директор Марк Закерберг планира да зборува на годинашната „Конект“ конференција на 28 октомври, треба да ја сигнализира амбицијата на технолошкиот гигант да не биде познат само по социјалните мрежи и сите скандали со кои се соочува периодов, туку по многу повеќе од тоа.
Ребрендирањето најверојатно ќе ја стави апликацијата Фејсбук на исто место со другите производи на матичната компанија, под која ќе припаѓаат и Инстаграм, Вотсап, Окулус и многу други.
Од Фејсбук сè уште нема коментар за написот на „The Verge“.
Закерберг претходно за овој медиум изјави дека во следните неколку години Фејсбук „од компанија за социјални медиуми ќе премине во компанија на метаверзум“.
Ребрендирањето ќе помогне и за понатамошно одвојување на работата на Закерберг од интензивната контрола под која се наоѓа Фејсбук во моментов, поради начинот на кој функцинира социјалната мрежа. Поранешната вработена Френсис Хоген неодамна за „Волстрит Журнал“ (The Wall Street Journal) откри повеќе застрашувачки внатрешни документи на Фејсбук, за кои сведочеше и пред Конгресот на САД.
Антимонополските регулатори во САД и во други земји се обидуваат да го ограничат влијанието на компанијата, а довербата на јавноста во работата на Фејсбук опаѓа.
Инаку, Фејсбук не е првата голема технолошка компанија која го променила своето име поради зголемените амбиции. Во 2015 година, „Гугл“ (Google) се реорганизираше под компанија наречена „Алфабет“ (Alphabet), делумно за да сигнализира дека повеќе не е само пребарувач, туку конгломерат на компании, меѓу кои има и такви кои произведуваат автопилотски автомобили и здравствена технологија.
И „Снепчет“ (Snapchat) се ребрендираше во „Snap Inc.“ во 2016 година, кога започна да се опишува како „компанија за камери“ и дебитираше со својот прв пар очила со камера.
Новото име на Фејсбук е строго чувана тајна, но според „The Verge“ може да биде поврзано со „Хоризонт“ (Horizon) – сè уште необјавената платформа за виртуелна реалност на Фејсбук.
Последните недели од Фејсбук гласно се зборува за изградба на „метаверзум“ – онлајн простор каде луѓето ќе можат да работат, комуницираат и играат игри во виртуелна средина.