Нема леб по продавниците во Скопје, рафтовите се празни. Пекарите, иако најавија дека ќе дистрибуираат леб додека во Службен весник не излезе одлуката за замрзнување на цената на 33 денари, денеска не донесоа леб.

Во дел од маркетите, на поголемите трговски синџири, денеска пекарите ги известиле дека денес нема да им достават леб и тие ќе ги продаваат старите залихи.

Според раководителите на маркетите, тие не знаат како денеска ќе го поминат денот, ниту пак знаат дали треба да прават нарачка за утре.

Во маркетите иако се залепени новите замрзнати цени од 33 денари, полиците се празни.

Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари до крајот на мај годинава, а ја укинува и субвенционираната струја за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи. Одлуката е донесена вчера на владина седница, а пекарската индустрија, која ден претходно, најави дека ќе прекине со производство на леб доколку биде донесена ваква одлука, ќе чека таа да излезе во Службен весник и ќе ги соопшти натамошните чекори.

Ваквите одлуки на Владата следуваат откако анализите на Министерството за економија и инспекциските контроли покажале дека дел од компаниите не ги намалиле соодветно цените на своите производи.