Извршниот директор на нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, Мајкл О’Лири предупреди дека цените на летовите ќе се зголемат ова лето поради големата побарувачка, а поминувањето низ аеродромите ќе стане „предизвик“ за патниците.
Туристите треба да се подготват за пораст на цените за „висок едноцифрен процент“ за време на шпицот на сезоната, бидејќи побарувачката за одмор во европските летни дестинации се опоравува благодарение на укинувањето на ограничувањата за патување поради пандемијата, изјави тој за радио станицата Би-Би-Си.
Тој, исто така, предупреди дека најверојатно ќе има постојани доцнења на аеродромите како што е лондонскиот Хитроу, поради недостигот на персонал.
– Нема сомнеж дека поминувањето низ аеродромите ова лето ќе биде предизвик и ги охрабруваме сите наши клиенти да дојдат порано за да имаат повеќе време да ги поминат безбедносните мерки на аеродромот, особено во Манчестер, додаде тој.
Рајанер неодамна извести за намалени годишни основни загуби од 355 милиони евра и изрази надеж за враќање на „разумната профитабилност“ за време на тековната финансиска година.