Албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференција на новинарско прашање за случајот „Белери“ и заканите на грчките функционери за блокирање средства од ЕУ и евроинтеграциите, изјави дека е „многу горд на она што досега го направила земјата во однос на реформите во правосудството и дека нема шанси и место за закани“.

-Нашиот став беше, е и ќе биде, дека правдата мора да си ја заврши својата должност. Во овој момент, ништо не е поважно од истиот начин на заштита на активноста на правосудниот систем. Така што секое мешање од каде и да доаѓа, нема да ја има нашата поддршка. Не интервенираме и не коментираме за одлуките на новите органи на правдата и не очекуваме ништо освен спроведување на законот. Другите можат да кажат што сакаат, рече Рама.

Реформата во правосудството во Албанија е најголемата, најтешката, најнезамисливата работа што и се случила на албанската држава, во нејзината историја, оценува тој и додава дека „од првиот ден на создавањето на албанската држава, никогаш немало вакво правосудство, да не прашуваш кој си, туку да постапиш против секој кој се огрешил пред законот“.

-Многу сум горд на она што го направивме. Несомнено, кога станува збор за поединци кои не само што сум ги познавал, туку и сум бил близок, среќен сум на личен и човечки план, но на ниво на задачата за која сум тука, се чувствувам горд. Сè додека сум тука, нема шанси да се врши притисок врз новиот правосуден систем и да функционира преку закани или ситуации, нагласи Рама.

Случајот „Белери“, се oднесува на Фреди Белери, реизбраниот градоначалник на приморското гратче Химара, кој под сомнение за изборна корупција, беше уапсен два дена пред локалните избори, што се одржаа на 14 мај. Сите барања за промена на затворскиот со домашен притвор, за да може да даде заклетва како градоначалник, му се отфрлени од сите судски инстанци а деновиве неговиот адвокат најави жалба во Стразбург.

Грчките власти сметаат дека тој неосновано се обвинува и држи во притвор, бараат негово ослободување, условувајќи ја Албанија со евроинтегративните процеси и европските фондови. На протест во Химара, каде живеат припадници на грчкото малцинство, на кое му припаѓа и Белери,  се обратија и градоначалниците на Атина и Солун, кои го повторија ставот на официјлна Атина.

Ова прашање доведе до заладување на односите меѓу Рама и неговиот грчки колега, Мицотакис, кој не го покани и на неформална вечера со лидерите од западен Балкан што се одржа во Атина. Покана имаше шефот на државата Бајрам Бегај, но тој истата не ја прифати поради „претходно утврдена агенда“. (МИА)