Поранешениот министер за внатрешни работи и поранешен директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, во објава на социјалните мрежи по повод деветгодишнината од апсењето на обвинетите за настаните од 27 април, се навраќа на притворот и судскиот процес. Тој нагласува дека случајот бил целосно политички инструментализиран за остварување партиски цели.
Чавков бара независно судско преиспитување на осудителните пресуди, оценувајќи дека самото излегување од затвор не претставува исправување на неправдата. Тој потенцира дека случајот одамна ги надминал рамките на личната судбина на осудените и претставува клучен тест за владеењето на правото, правната сигурност, независноста на правосудството и институционалниот интегритет на македонската држава.
Во својата детална јавна објава, Чавков потсетува на раните утрински часови кога со упад на специјалните полициски единици во нивните домови биле уапсени под сомнение за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Тој го опишува театралното спроведување во Основниот суд Скопје 1 и целодневниот престој со лисици на рацете во судската сала, каде што бројот на приведени постојано растел.
Тој опишува како длабоко во ноќта започнало нивното сослушување пред судии на претходна постапка, по што следело носење решенија за притвор и спроведување во затворот во Шутка. Чавков се осврнува на тешките притворски услови, собите со мувлосани ѕидови, отворени тоалети без приватност, недостигот на постелнина и средства за хигиена, посочувајќи дека во такви услови поминале повеќе од една година, а дел од осудените и цели две години.
Според него, на самото апсење во летото и есента 2017 година му претходел интензивен политички и медиумски наратив преку партиски соопштенија и настапи на високи функционери, со што се создавала атмосфера на јавен линч. Чавков укажува дека немилите настани во Собранието биле искористени за суспендирање на презумпцијата на невиност и за политичко диктирање на судската постапка.
Тој издвојува конкретна хронологија на политичките одлуки: обезбедувањето двотретинско мнозинство на 19 октомври 2018 година за отворање на уставните измени со поддршка од осум опозициски пратеници, меѓу кои и тројца обвинети кои подоцна беа амнестирани; потоа носењето на селективниот Закон за амнестија на 18 декември 2018 година со 95 гласа; и конечно усвојувањето на уставните измени за промена на името на 11 јануари 2019 година. Овие факти, според него, јасно ја докажуваат политичката цел на кривичниот процес.
Чавков нагласува дека правдата била длабоко компромитирана и во самата суштина на осудителната пресуда, каде што останале неутврдени решителни факти и неразрешени доказни противречности. Тој посебно го издвојува подоцнежното нотарски заверено признание на загрозениот сведок С1, потврдено и со вештачење на телефонските апарати, каде што сведокот признава дека лажел по насока на обвинителот, иако судот токму на неговиот исказ ја темелел пресудата за наводната организираност на настаните.
И покрај ваквите нови околности и материјални докази, барањето за повторување на кривичната постапка било експресно одбиено од судските инстанци. Чавков наведува дека поминале цели девет години, при што за дел од осудените седум или осум години зад решетки, во постојана политичка реторика која варирала зависно од изборните циклуси.
Тој оддава посебна почит кон починатите сопатници во затворот, Игор Југ и Кире Ѓоргиев, кои не дочекаа да ја видат слободата, порачувајќи дека нивната борба за вистина, правна рехабилитација и враќање на достоинството ќе продолжи.
„Слободата може да биде вратена. Изгубените години – никогаш. Нема да дозволиме да се заборави и нема да се откажеме од правдата“, порача Чавков.
