САД го ставија градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, на така наречената црна листа, со што го означија како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција.

-За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудсните и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото, стои во соопштението.

Одлуката на Стејт департментот за забрана за влез во САД се однесува и на сопругата и трите деца на Мерко.

„Ова ја потврдува посветеноста на Соединетите Држави за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефикасно да одговорат на потребите на својот народ“, додаваат од САД.