Градоначалничката реагираше по пријавите за сурово постапување со животни

Градоначалничката на Неготино, Марија Нацева, изрази длабока загриженост поради пријавите и сведоштвата за труење и сурово постапување со кучиња во градот.

„Со длабока загриженост ги следам пријавите и сведоштвата за труење и сурово постапување со кучиња во Неготино. Ова го осудувам најостро. Вакви дејствија не смеат да се случуваат во градот во кој живееме“, рече Нацева.

Таа нагласи дека законот за заштита и благосостојба на животните е јасен и дека намерното труење и мачење животни претставува сериозен прекршок, кој може да повлече и кривична одговорност.

Институциите повикани на итно постапување

„Сакам јавно да појаснам – Општина Неготино не молчи и не стои настрана. За овие случаи доставени се информации и пријави до надлежните органи, и очекувам институциите да постапат итно и решително. Во оваа постапка клучна е улогата на МВР, инспекциските служби, вклучително и Агенцијата за храна и ветеринарство“, истакна Нацева.

Таа ги повика надлежните институции да излезат на терен, да се направи стручно постапување и да се санкционира секој сторител.

Апел до граѓаните и сопствениците на миленици

Градоначалничката исто така апелираше до сопствениците на миленици да бидат одговорни и да ги чуваат животните во безбедни услови, истакнувајќи:

„Напуштањето на миленици и нивното оставање на улица е неодговорно и недозволиво. Расфрлан отров на јавна површина е сериозна закана за јавното здравје и безбедноста на граѓаните, особено на децата.“

До сите жители Нацева порача:

„Пријавувајте веднаш во полиција ако забележите сомнителни материи или труење, и не допирајте сомнителни остатоци на јавни површини. Единствено со заедничка реакција и координација можеме да спречиме нови случаи.“

Градоначалничката заврши со пораката дека Неготино мора да биде град на ред, безбедност и одговорност, како за луѓето, така и за животните, и дека локалната самоуправа ќе продолжи да инсистира на системско и хумано решавање на проблемот.