За Фокус, Рашковски доцна вечерва потврди дека со семејството е на годишен одмор во Мексико, додавајќи дека нема место за сензација.

– Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14 -ти и таму ќе бидеме до 31 овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува, вели Рашковски во изјава за Фокус.

Лидер денес прв објави дека тој се наоѓа на оваа локација, цитирајќи вработен на аеродромот на ТАВ.

-Ни беше наредено Рашковски да го протнеме низ ВИП одделот на аеродромот. Беше заедно со својата сопруга и двете деца, а обемот на багаж беше како да оди на подолго патување, но не можам да тврдам дека се работи за бегство затоа што Рашковски често патува. Пред скоро време заедно со своето семејство леташе во Турција, вели вработениот кој сака да остане анонимен плашејќи се за своето работно место.

Ова патување доаѓа непосредно по огромната афера која беше објавена од медиумите, во која Рашковски оштетувајќи го буџетот набавил набавка на софтвер за сообраќајни казни кој не е потребен. Креатор на овој софтвер е самиот Рашковски што значи дека парите од државниот буџет ги трансферирал на своја сметка.

Вчера, од Антикорупциската комисија објавија дека отвораат предмет за овој случај.

Претходно Рашковски беше централна фигура во аферата „Леонардо“ кога преку Лидер и Експрес излегоа аудио снимки на кои јасно се слуша како тој бара провизија од тендер од една странска компанија.

Претходно пратникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, праша кој висок функционер на СДСМ заедно со семејството заминал за Мексико?

На оваа тема денеска го прашаа и лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој рече дека не знае дали Рашковски ја напуштил државата, а објасни дека за тоа повеќе информации ќе даде во текот на утрешниот ден.