Во Собранието денеска ќе продолжи 106. седница на која на дневен ред е Предлог за избор на судија на Уставниот суд. За нов уставен судија е предложена Елизабета Дуковска.

Дуковска се предлага на местото на судијката Вангелина Маркудова, чиј мандат истече минатата година.

Судијката од Апелационен суд Скопје Елизабета Дуковска беше предложена од членот на Судскиот совет Зоран Герасимоски.

 

Дуковска дипломирала на Правниот факултет во Скопје на 19 октомври 1987 година, правосуден испит положила во Скопје на 15 февруари 1990 година. Првпат била избрана за судија во Основен суд Скопје I – Скопје на 19 март 2004 година, каде постапувала по предмети во стечајното одделение.

 

Од јули 2007 година работела како стечаен судија во Основен суд Скопје II – Скопје, а на 19 ноември 2009 година е избрана за судија во Апелациониот суд Скопје, каде постапува по предмети во трговскиот оддел и е претседател на совет.