Денеска е шестиот ден од десетте планирани за расправа во Комисијата за финансирање за ребалансот на Буџетот за 2021.
Собраниската Комисија на самиот почеток од седницата прифати амандман на ребалансот со којшто се бараше дополнители два милиони денари за Комисијата за заштита од дискриминација, што го поднесоа тројца пратеници од владејачкото мнозинство.
Не беше прифатен амандман на опозицијата, да се предвидат 300 милиони денари за интервентен фонд за земјоделство. Љупчо Димовски од СП рече дека дека амандманот се поднесува по осми пат и дека доколку постоеше ваков интервентен фонд немаше да има потреба од ковид мерки за нив. Потсети дека овој интерветен фонд е ветување на власта.
Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски образложи дека амандманот не се прифаќа, образложувајќи дека оваа година за земјоделството се наменети најмногу досега 3 милијарди и 500 милиони денари.
Дебатата за амандманите ќе заврши на десетиот ден, без разлика колку амандмани се поминати на Комисијата. Извештајот за работата на Комисијата и ребалансот се враќа назад во Владата која во рок од три дена треба да го врати со вградените прифатени амандмани до Собранието, по што се одржува пленарна седница, која може да трае најмногу пет дена. Се очекува ребалансот на Буџетот да биде донесен пред крајот на месецов.
Клучни сегменти на предложениот ребаланс што го усвои Владата и го испрати до Собранието се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството.
Со овој ребаланс, според прдлагачот, приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Останува понатаму определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.
Приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 гоидна, а што, според предлагачот се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.
Зголемување има и кај капиталните расходи за 6,5 милијарди днеари и се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.