Министерот за здравство Венко Филипче вчера оцени дека во насока на заштита на населението ќе нема  друга можност освен да воведат некаква форма на рестрикција и оти е разговарано и дополнително ќе се разговара за мерки кои би се однесувале на невакцинираните. За конкретни мерки, најави министерот, ќе разговараме подетално во август.

– Видовме во изминативе години што значи да нема вакцина за една болест, какви рестрикции, полициски часови итн., гледаме и следиме примери и од другите земји, има приватни компании кои едноставно сакаат вработените да им се вакцинирани за да може нормално да функционира работниот процес, а ние ќе го штитиме јавното здравје со тоа што евентуално би вовеле такви мерки таму кај што има можност за масовни собири, јавни настани, можеби влез за некои јавни места итн, нагласи Филипче.

Во овој момент, посочи, имаме највисока стапка на вакцинација споредено со многу земји во регионот, па дури и во овој дел на Европа.

– Искрено верувам дека така и ќе продолжиме. Околу 33 илјади жители во Битола се вакцинирани, од тоа 23 илјади се ревакцинирани. Тука вакцинацијата ќе продолжи во Здравствениот дом, кој сега веќе е целосно реновиран, сите простории се опфатени вклучувајќи ги вакциналните пунктови. И изминатава недела имаме прилично висок процент за вакцинација што сметам дека е многу добро и се надевам дека така и ќе продолжи, рече Филипче.

Во однос на вакцинацијата на децата, тој потенцира дека немаат во план, како за нив, така и за возрасните да наметнат правила и таа да биде задолжителна.

– Апсолутно, ниту за училишта, ниту за средни, ниту за факултети итн. Меѓутоа, во овие места кај што има ризик за големи собири, тука размислуваме без разлика дали станува збор за адолесценти, постари луѓе. Така што допрва ќе разговараме за мерките. Како и се до сега што добро го осмислувавме и добро го димензиониравме сакаме и овие евентуални мерки да бидат добро осмислени со цел да продолжи нормално животот. Ние не можеме да живееме ниту затворени, ниту со рестрикции, ниту да трпи повеќе економијата посебно сега кога има вакцина на располагање, изјави Филипче.

Повтори дека ако епидемиолошката ситуација остане стабилна ќе има настава со физичко присуство.

– Ако епидемиолошката ситуација е како што е сега сите ученици ќе почнат за нешто повеќе од еден месец практично со физичко присуство без рестрикција во одделенијата или бројката во училници за што постојат протоколи – проветрување, начин на седење, менување на училниците за предметната настава итн., потенцира Филипче.

Посочи дека е битно што ги имаат разработено сите сценарија и интензивно работеле со Министерството за образование и наука и направиле добар план.

– Добри три сценарија се разработија во зависност од епидемиолошката ситуација. Доколку се влоши епидемиолошката ситуација подготвени сме да и тука интервенираме во дел на тоа како се организира наставата, додаде Филипче.

Во однос на количината на вакцини, тој потсети, дека секој понеделник стигнуваат меѓу 20 и 30 илјади вакцини и тоа е комбинација од директниот договор со компанијата „Фајзер“ и помошта што стигнува преку земјите членки на ЕУ. За третиот и четвртиот квартал само од директниот договор вкупно треба да стигнат 700 илјади вакцини „Фајзер“, што, според Филипче, е сосема доволно и во овој момент има доволно вакцини.

– На територијата на цела држава опфатот со вакцинација на граѓаните над 70 години е 63 проценти, над 50 години е 45 проценти. Понатаму како се намалува возрасната група опаѓа и опфатот со вакцинацијата, оцени ресорниот министер.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 500.995 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.098 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.810 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 862.426 дози вакцини, а ревакцинирани се 361.431 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, како што се посочува, 63 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 60 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 55 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Од Министерството потсетуваат дека граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Теренската вакцинација продолжува и денеска и ќе се одвива во 26 населени места. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување термини за вакцинација на децата.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 156.171 бројот на оздравени пациенти е 150.321, а на починати изнесува 5.491.