Во координирана акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал (ОЈО за ГОКК), синоќа беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Битола и Кичево во рамки на истрага за сомнителни набавки на нафтени деривати.

Според МВР, полицијата при претресите запленила:

  • Обемна документација поврзана со нелегалните набавки
  • 5 мобилни телефони
  • 1.500 парчиња муниција
  • Два пиштоли
  • Три патнички возила

Во рамки на акцијата се приведени 11 лица, едно е недостапно за органите на прогонот, а едно веќе е во притвор.

Меѓу осомничените бизнисмените Ратко Капушевски и Асмир Јахоски

Според информациите на Плусинфо, меѓу приведените е и Ратко Капушевски, познат увозник на нафтени деривати.

Дополнително, полицијата го „обезбедила“ присуството на Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“, што отвора сомнеж дека компанијата била дел од криминалната мрежа за нелегален увоз на горива со сомнително потекло и квалитет.

Против 13 лица и едно правно лице поднесена кривична пријава

До ОЈО за ГОКК е поднесена кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ против 13 физички лица и едно правно лице.

Меѓу осомничените се:

  • В.К. (55) од Битола
  • А.М. (44) од Скопје
  • Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше
  • Е.П. (52) од Скопје
  • М.Н. (60) од Скопје
  • Б.М. (51) од Скопје
  • Р.Р. (48) од Општина Желино
  • Д.С.Ј. (43) од Куманово
  • Д.С. (66) од Скопје
  • Д.С. (43) од Велес
  • Р.К. (38) од Скопје
  • Е.С. (43) од Кичево
  • А.Ј. (40) од село Пласница
  • Правно лице со седиште во Скопје

МВР соопшти дека истрагата продолжува со дополнителни активности за обезбедување нови докази и откривање на други можни кривични дела.

Криминален бизнис од 10 милијарди денари – штетните горива директно загадуваат

Откриената криминална шема покажува дека увозниците испорачувале горива со високи нивоа на сулфур, тешки метали и други токсични соединенија, кои директно довеле до сериозно загадување на воздухот и почвата.

Преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги, испумпани се околу 10 милијарди денари, а штетата по здравјето на граѓаните е немерлива.

Според извештаите на повеќе институции, загаденоста е меѓу водечките причини за висока смртност и иселување на населението.

Некои од имињата инволвирани во криминалните активности со години беа заштитени „бели мечки“ од моќни политички центри, но сега државата конечно испраќа јасна порака – нема толеранција за оние што го трујат народот!