Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Франција на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, во обид да ги намали тензиите меѓу сојузниците по острите критики на Доналд Трамп кон НАТО. Посетата доаѓа во момент на продлабочени несогласувања околу конфликтот со Иран.
Тензиите ескалираа откако Трамп изрази незадоволство од, како што рече, пасивноста на Алијансата додека САД и Израел се директно вклучени во војната.
„Многу сме разочарани од НАТО бидејќи НАТО не направи апсолутно ништо,“ изјави Трамп за време на состанокот на неговиот кабинет.
На состанокот во опатијата Во-де-Серне во близина на Париз, Рубио се соочува со резерви од колегите од Британија, Канада, Франција, Германија и Италија. Главната точка на несогласување е американскиот пристап кон Иран, кој не наидува на целосна поддршка меѓу земјите од Г7.
Покрај ситуацијата на Блискиот Исток, односите се оптоварени и со претходни потези на Трамп, вклучително и прашањето за Гренланд и неизвесноста околу поддршката за Украина.
И покрај тоа, Рубио го брани ставот на Вашингтон и ја потенцира улогата на САД.
„Мислам дека земјите ширум светот, дури и оние кои малку се жалат на ова, всушност треба да бидат благодарни што САД имаат претседател кој е подготвен да се справи со ваков вид закана,“ истакна Рубио.
Исходот од состанокот ќе покаже дали ќе дојде до приближување на ставовите или дополнително продлабочување на разликите меѓу сојузниците.
