Во синоќешната емисија Објектив на МРТ беа презентирани резултатите од анкетата спроведена од ИПИС во месец март, собрани на ниво на цела Македонија.

На прашањето „за кого ќе гласате на претстојните претседателски избори?“ 24,6% од анкетираните кажале дека ќе гласаат за професорката Гордана Силјаноска Давкова, а 14,4% се изјасниле за актуелниот претседател Стево Пендаровски. По нив следат Бујар Османи со 7% поддршка, Таравари со 5,7%, Билјана Ванковска со 3,5% итн.

Споредено со месец февруари зголемување на потенцијалните гласачи има и кај Силјановска и кај Пендаровски, но сепак растот е поголем кај кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Имено во февруари за Силјановска се изјасниле 20,2%, што значи дека за еден месец нејзината поддршка пораснала за 4,4% , за разлика од Пендаровски кој во февруари имал 11,5% и поддршката ја зголемил за 2,9% во март.

Разликата помеѓу водечките кандидати за претстојните избори расте во корист на Силјаноска Давкова. Во месец февруари разликата помеѓу нив била 8,7%, а во март таа се зголемила на 10,2%.