Најмалку 157 лица ги загубиле животите во разорните поплави што го погодија Непал, додека речиси 600 туристи, меѓу кои 466 странски државјани, се водат како исчезнати. Катастрофата се случила откако одрон предизвикал излевање на реката Ботекоши од нејзиното корито.

Иако првично било објавено дека причината е земјотрес, надлежните подоцна појасниле дека станува збор за одрон. Огромното количество вода потоа се излило и со силен налет почнало да носи сè пред себе.

Меѓу лицата со кои е изгубен контакт има државјани на САД, Велика Британија, Малезија, Индија, Австралија, Холандија, Јужна Африка и други земји, соопшти локалната туристичка заедница по катастрофалните поплави во областа на границата меѓу Непал и Тибет.

„Половина час откако стигнав на пазарот Дунге, надојде поплава и го уништи целиот пазар. Луѓето се подготвуваа да одат на работа. Не знаеме колку луѓе се водат како исчезнати или се загинати“, вели локалниот жител Шојам Раџбхандари.

Поплавата предизвикала огромни материјални штети врз инфраструктурата. Водата носела автомобили, автобуси, згради и мостови, а уништени биле и неколку села, патишта и хидроенергетски објекти.

Надлежните упатиле апел до жителите на неколку непалски окрузи да се држат подалеку од бреговите на реките Ботекоши, Тришули и Нарајани. Во справувањето со последиците од катастрофата била побарана помош и од Индија и Кина.

Помош за Непал понудила и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа потврдила дека на располагање е ставена и сателитската служба „Коперникус“, која може да помогне во мапирањето на погодените подрачја.

Во меѓувреме, голем број роднини на исчезнатите лица се собрале во кампот што го подигнала непалската војска, надевајќи се дека ќе добијат позитивни вести за своите најблиски.

Претставници на непалскиот Оддел за метеорологија и климатологија соопштиле дека на достапните снимки од планината од тибетанската страна забележале одронување на големо парче мраз. Одронот со себе повлекол карпи и други наноси, кои подоцна предизвикале излевање на реката и разорната поплава.

Најтешко погодена е областа Нувакот, која се соочува со разорни последици слични на оние од август минатата година. Тогаш ледничко езеро во соседен Тибет се излеало поради високите температури во планинскиот регион.

Сепак, денешната поплава, според информациите од терен, несомнено ќе остане запишана како една од најголемите катастрофи во историјата на Непал.