Францускиот суд во Бајон донесе историска пресуда со која за првпат космичкото зрачење е признаено како еден од факторите поврзани со развојот на рак на дојка кај стјуардеса.

Станува збор за 59-годишната Софи Лено, поранешна стјуардеса и шефица на кабински екипаж во „Ер Франс“, која побара нејзината болест да биде признаена како професионално заболување. Судот сега го прифати нејзиното барање, јави Би-Би-Си.

Во пресудата се наведуваат три фактори поврзани со нејзината работа кои придонеле за развојот на болеста – космичко зрачење, пасивно пушење и долготрајната ноќна работа.

Пушењето било дозволено на летовите на „Ер Франс“ до 2000 година. Лено, чија болест моментално е во ремисија, со пресудата добива право на предвремено пензионирање, а трошоците за нејзиното понатамошно лекување целосно ќе бидат покриени од францускиот здравствен систем.

Адвокатите на Лено оценуваат дека со признавањето на ракот на дојка како официјален професионален ризик за персоналот во авионите се отвора можност и други лица да поднесат слични тужби.

„Мојата најголема желба е оваа одлука да ги охрабри другите жени кои немале храброст да го преземат овој чекор“, рече Лено.

Лено работела како стјуардеса, а подоцна и како шефица на кабински екипаж во „Ер Франс“. Во периодот од 1989 до 2019 година имала вкупно 12.600 часа лет, од кои повеќе од половина биле реализирани во текот на ноќта.

Дел од нејзините летови на долги релации од Париз минувале во близина на Северниот Пол, каде што изложеноста на космичко зрачење е најинтензивна.

Дополнително, студија на Медицинскиот факултет Харвард, објавена овој месец, покажува дека летачките екипажи имаат највисока стапка на смртност од рак поврзан со зрачење во споредба со повеќе од 500 други занимања.

Според анализата, околу 6,9 проценти од смртните случаи кај кабинскиот екипаж и 6,7 проценти кај пилотите биле предизвикани од рак. Авторите на студијата наведуваат дека овие проценти се повисоки отколку кај другите професии, вклучително и кај нуклеарните техничари, кои се рангирани на 12. место.

Познато е дека воздушниот сообраќај на големи надморски височини ги изложува луѓето на космичко зрачење, но дозата се смета за занемарлива за повеќето патници. Изложеноста е поголема во близина на половите, бидејќи во другите области магнетното поле на Земјата делува како природен штит.

Од „Ер Франс“ соопштија дека компанијата не учествувала во судската постапка и дека не го видела образложението на пресудата.

„Здравјето и безбедноста на нашиот персонал се наш апсолутен приоритет. На секој вработен му е обезбедена медицинска нега што го надминува законскиот минимум“, се наведува во соопштението на компанијата.