УЕФА официјално потврди дека го примила обемниот материјал што раководството на Реал Мадрид го достави во врска со контроверзниот случај „Негреира“. Документацијата директно се однесува на истрагата за исплатите направени од страна на фудбалскиот клуб Барселона кон поранешниот потпретседател на судиската комисија, Хозе Марија Енрикес Негреира.
Од европската фудбалска куќа соопштија дека нејзините инспектори за етика и дисциплина детално ќе го разгледаат материјалот во рамките на веќе постојната истражна постапка. Реал Мадрид официјално побара од УЕФА да преземе строги дисциплински мерки против каталонскиот тим, а меѓу можните санкции се споменува и исклучување од европските натпреварувања за една сезона, доколку се утврди сериозно прекршување на членот 4 од правилникот.
Претходно, „кралскиот клуб“ побара и преиспитување на прашањето околу освоените трофеи во спорниот временски период опфатен со случајот. Сепак, централата на УЕФА засега нема донесено формална одлука за евентуално одземање на трофеи или исклучување на каталонскиот гигант.
Од таборот на Барселона соопштија дека постапката воопшто не е повторно отворена како нов процес, туку станува збор за истрага започната уште во текот на 2023 година која сè уште трае.
