Рече, па одрече. Арбен Таравари сепак ќе биде кандидат на обединетата албанска опозиција и покрај негирањата во текот на претходната недела кога кажуваше дека не е заинтересиран за оваа функција.

Време е државата да има претседател Албанец

Таравари утрово од Гостивар упати поарка дека е време државата да има претседател Албанец. Тој ќе биде кандидат на „Европскиот сојуз за промени“, а од трите партии му дадоа целосна поддршка.

Градоначалникот на Гостивар кој го привлече вниманието на јавноста претходните денови заради внатрепартиските конфликти со крилото на Зијадин Села рече дека најважна му е поддршката од народот, а нагласи дека ќе биде претседател за сите граѓани.

„Јас ќе побарам поддршка од сите политички партии, вклучувајќи ги и другите албански партии, како и македонските, бошњачки, турски, ромски и сите оние коишто сметаат дека јас сум човекот којшто треба да ја предводи државата во следните пет години. Исто така бараме поддршка и од невладините организации и од сите групи на граѓани, било како да се организирани. Но, пред сè барам поддршка од народот којшто е најважен за мене како кандидат за претседател“, нагласи Таравари.

Таравари додаде дека наскоро започнуваат со собирање потписи за неговата претседателска кандидатура.

Албин Курти како одлучувачки фактор

Името на Арбен Таравари како претседателски кандидат се спомнуваше уште во текот на месец јануари, а тоа дојде непосредно по посетата на Приштина и заедничката средба со Албин Курти.

Поддршка од албанскиот опозициски блок

Денешната промоција на Таравари беше поддржана и од останатите политички чинители од албанскиот политички блок. Меѓу нив спаѓаат: Изет Меџити од Демократско движење, Африм Гаши од Алтернатива и Билал Касами од Беса. Од овие политичари особоено е значаен и Билал Касами бидејќи честопати во игра за претседател беше и неговото име освен на Таравари.

Конфликт со Зијадин Села во рамките на АА

Во меѓувреме, Судот го има последниот збор кому ќе припадне Алијанса за Албанците. На едната страна е Арбен Таравари кој одлучи дека ќе настапи со албанската опоцизија (Европски сојуз за промени), а од друга страна е Зијадин Села кој се бори за самостоен настап на изборите за која критичари велат дека е под диригентска палка на ДУИ и Али Ахмети.