Пратеникот Кастриот Реџепи на прашањето на „Фокус“ дали на денот на гласањето на недоверба на Владата престојувал во премиерската вила, вели дека негово право е каде ќе престојува, според неговата проценка за својата безбедност и безбедноста на неговото семејство.

-Се што имав да кажам го кажав на мојата прес конференција и јавни настапи. Мое приватно право е каде престојувам во одреден ден според мојата проценка за мојата безбедност и на моето семејство. Најбитно е дека јас како пратеник со мандат го искористив моето уставно право да одлучам според моето убедување и со тој потег се обезбеди стабилно зголемено мнозинство и непречен дијалог со Република Бугарија, изјави Реџепи за „Фокус“.

Вчера Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ при гостувањето на една телевизија праша дали Реџепи се криел во премиерската вила на тогашниот премиер Зоран Заев на денот на гласањето недоверба на Владата.

Иако прво се потпиша дека ќе гласа за недоверба на Владата, Кастриот Реџепи денот на гласањето “исчезна“. Очигледно направил сосема друг договор со челниците на Владата, тогаш Зоран Заев и Али Ахмети. Во тоа време тие го бранеа велејќи дека „Срцето на Кастриот Реџепи лежи во Вашингтон и Брисел“, а сега е јасно дека неговото срце тој ден “лежело“ во вилата на Зоран Заев.