По обраќањето на младинскиот форум „Гласот на младите дома го обединува регионот“ во Отешево, во изјава за медиумите министерката посочи дека програмите за работа се донесени, а подготвени се три сценарија за почеток на учебната година од 1 септември.
– Програмите се донесени. Транспарентно се објавени и сите дискусии, но со објавувањето се затворија, бидејќи видоа дека нема ништо драматично и различно од она што го ветувавме, а тоа е критичко размислување, поврзување со теми, проектно работење и сите други вредности, кои се значајни и треба да се воведат, како родова рамноправност, интеркултура, инклузивност. Тоа значи образование за секое дете со еднаков квалитет, изјави Царовска.
Министерката потврди дека се подготвуваат и материјлите за учење за прво и за четврто одделение како и дигитализација и мултимедија содржина за четврто одделение.
– Преку МОН се набавуваат 10.000 таблети, општините ги подготвуваат своите училници за стартот на новата учебна година. Се подготвуваме со три сценарија за физичко присуство, он-лајн учење и хибриден модел, со цел да имаме подготвен систем за сите три сценарија. Од 1 септември влегуваме во училница со физичко присуство и согласно епидемиолошката состојба ќе одлучуваме понатаму дали ќе се менуваат сценаријата и начинот на учење понатаму, додаде Царовска.