Според информациите на Министерството за здравство покачена телесна температура имаат уште неколку ученици во други училишта, но за нив се чекаат тестови, по што ќе се одлучи какви мерки ќе бидат преземени во овие училишта.
Учениците годинава за прв пат по почеток на пандемијата се вратија во училишните клупи под строги протоколи, но колку ќе трае наставата со физичко присуство, никој не знае.
Министерката за образование, Мила Царовска пред неколку дена изјави дека сите во Владата сакаат учебната година да започне од септември со физичко присуство за сите ученици, но имале подготвено три сценарија како би се одвивала таа.
„Првото е целосно отворање на училиштата, согласно здравствените протоколи, да може сите ученици да седнат во своите клупи, за сите одделенија и сите години. Тоа е првото и најдобро сценарио, најпосакувано за сите нас, ако епидемиолошката состојба се движи во соодветни рамки за ова сценарио. За тоа ќе одлучува Комисијата за заразни болести, но сите очекуваме состојбата во летниот период и почетокот на септември да биде добра и затоа сметаме дека ова сценарио ќе биде спроведливо”, изјави Царовска.
Второто сценарио е исто како и тоа од годинава, односно дел од учениците да одат во школо, од прво до четврто одделение, а останатите да учат онлајн и да им се доставуваат материјалите за учење.
„Имаме и трето сценарио, кое укажува дека можеби во не толку критична состојба за целосно затворање, да имаме поделба во групи – една недела една група ученици, друга недела друга група ученици”, дополни тогаш Царовска.
Со појавата на првите позитивни случаи, кои се заразиле уште пред да почнат на училиште, се поставува прашањето дали е возможно да се спроведе настава со физичко присуство или сепак ќе се применат некои од другите сценарија.
Вакви гужви имаше низ целиот град, во училишните дворови, на автобуските станици, во автобусите… Загрижени родители пријавуваа дека во дел од училиштата обезбедувачите и целиот училиштен персонал биле без маски и без никаква заштитна опрема, а децата во клупите седеле вообичаено, по двајца, на дистанца од 10 сантиметри.
„Протоколи само пред камери и на хартија”, велат родителите.
Фотографиите од пред медицинското училиште ни ги прати револтирана читателка.