Регистрирани четири пожари на отворен простор
Денеска се регистрирани четири пожари на отворен простор. Од нив, два пожари се сѐ уште активни, еден е ставен под контрола, а еден целосно изгаснат – соопштуваат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Во видео изјава, директорот на дирекцијата, Стојанче Ангелов, информира дека еден од активните пожари е лоциран во близина на селото Богомила, општина Чашка. Пожарот избувнал на терен што претходно бил користен како сечиште, каде има голема количина суви гранки и отпаден материјал, што значително ја отежнува интервенцијата.
На локацијата е испратен и ер трактор на Дирекцијата, кој активно помага во расчистувањето на теренот и логистички ги поддржува локалните пожарникари, како и екипите на „Национални шуми“, кои интензивно работат на гаснење на огнот.
Вториот активен пожар е забележан на подрачјето на општина Македонски Брод, во близина на селото Грешница. Станува збор за реактивиран пожар, кој претходно бил ставен под контрола, но повторно се разгорел. Интервенираат локалните противпожарни служби, потпомогнати од екипи на „Национални шуми“.
Во изјавата, Ангелов информира и дека денеска државата ја напушти чешкиот хеликоптер „Блек Хок“, кој беше ангажиран во акциите за справување со пожарите.
„Од името на Владата на Република Северна Македонија и македонските граѓани, беше упатена искрена благодарност за нивниот ангажман. Притоа, од страна на Дирекцијата за заштита и спасување им беа врачени благодарници, како знак на признание за нивната помош“, изјави Ангелов.