Натурализација поддржана од реформи
Во 2024 година, Германија забележа историски најголем број на нови државјани од 2000 година наваму. Податоците од 13 сојузни покраини покажуваат дека над 286.000 странски државјани стекнале германско државјанство, поттикнати од новите законски олеснувања кои овозможуваат двојно државјанство за не-ЕУ државјани и скратено време на престој на само пет години.
Германската Влада, преку реформите на Законот за државјанство, овозможи побрза и пофлексибилна процедура за интегрирање на доселениците, при што резултатите веќе се видливи.
Македонците со четирикратно зголемување
Меѓу новите германски државјани, посебно внимание привлекува зголемениот број на македонски државјани кои стекнале германски пасош. Во 2024 година, 2.805 Македонци станале германски државјани — што е речиси четири пати повеќе во споредба со 2023 година, кога бројката беше само 665.
ПЛАТИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Среден приход од 52 илјади евра бруто годишно!
Просечната возраст на натурализираните Македонци е 30,8 години, а значаен број — 560 лица — се малолетни. Според полот, 1.375 се мажи, додека 1.430 се жени, што укажува на избалансирана демографска структура.
Косоварите водат во регионот
Во регионот на Западен Балкан, најмногу германско државјанство стекнале граѓаните на Косово — 7.480 лица, по што следуваат граѓаните на Србија (4.675), Босна и Херцеговина (3.905) и Албанија (3.115). Најмал број натурализирани има Црна Гора, со само 355 државјани.
На глобално ниво, доминираат граѓаните на Сирија, кои сочинуваат 28% од вкупниот број на натурализирани — 83.150 лица. Зад нив следуваат Турците (22.525 лица или 8%), Ирачаните (5%), Русите (12.980 лица или 4%) и Авганистанците (3%).
Интересно е што Русите бележат најголем релативен пораст, од 1.995 лица во 2023 на 12.980 во 2024 година. Кај Турците бројот се удвоил.