Бројот на луѓе принудени да ги напуштат своите домови се зголемува секоја година во изминатата деценија и сега достигна највисоко ниво од почетокот на водењето евиденција за глобалното раселување, соопшти денеска агенцијата за бегалци на ОН.
Според Годишниот извештај на глобални трендови објавен од УНХЦР, бројот на раселени лица поради војни, насилства и кршење на човековите права достигна 89,3 милиони до крајот на 2021 година, а тоа е зголемување од осум отсто во однос на претходната година и повеќе од двојно од 42,7 милиони лица раселени во 2012 година.
Оттогаш, руската инвазија на Украина, која доведе до најбрзата и една од најголемите кризи со принудно раселување од Втората светска војна, како и други кризи од Африка до Авганистан и пошироко, ја донесе оваа бројка на драматична пресвртница од 100 милиони луѓе, соопшти УНХЦР.