ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Владата предводена од оваа партија во изминатите две години реализирала најголеми инвестиции во образованието и науката, посочувајќи дека буџетот за оваа област во 2026 година достигнал рекордни 40 милијарди денари.

Од партијата наведуваат дека ова претставува значително зголемување во однос на 2024 година, кога, како што велат, Владата ја предводел СДС, а буџетот за образование изнесувал 32 милијарди денари.

„Посветеноста на една влада за подобрување на состојбите во образованието може да се види по реализираните инвестиции и висината на одвоените средства од Буџетот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, веднаш по промената на власта биле обезбедени дополнителни 900 милиони денари за редовна исплата на платите во училиштата, како и 1,4 милијарди денари за повисоки плати на универзитетските професори.

Посебно внимание, како што наведуваат од партијата, било посветено на високото образование. Буџетот за оваа област во 2026 година достигнал 8 милијарди денари, што според ВМРО-ДПМНЕ е речиси трипати повеќе во споредба со 2022 година, кога изнесувал помалку од 3 милијарди денари.

Од партијата посочуваат и дека науката има централно место во образовните политики, при што буџетот за наука бил зголемен од 380 на 773 милиони денари. Дополнително, велат дека во 2025 година биле обезбедени околу 370 милиони денари за околу 50 научноистражувачки проекти од национален интерес.

Вложувања во инфраструктурата и промени во високото образование

ВМРО-ДПМНЕ информира дека по подолг период на застој повторно се инвестира во образовната инфраструктура. Од партијата наведуваат дека се реновирани два државни студентски дома кои наскоро треба да бидат ставени во функција, започната е реализацијата на проектот за новите објекти на ФИНКИ, како и постапката за изградба на нов објект за Факултетот за физичка култура, спорт и здравје.

Покрај зголемувањето на финансиските средства и инфраструктурните инвестиции, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека биле преземени и други чекори со цел подобрување на квалитетот во високото образование.

Како дел од тие активности, партијата наведува дека биле затворени 18 приватни научни институти и високообразовни установи кои, според нив, не работеле согласно закон, а во подготовка е и нова законска рамка за дополнително унапредување на системот.

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ гради систем кој инвестира во квалитет, знаење, наука и во подобра иднина на новите генерации“, се наведува во соопштението.