ВМРО-ДПМНЕ обвини дека локалната власт во Гостивар, предводена од коалицијата на СДС, ДУИ и Арбен Таравари, е одговорна за состојбата со загадувањето на водата и побара целосно расчистување на случајот од страна на надлежните институции.
Од партијата велат дека постои основано сомнение оти здравјето на граѓаните било директно загрозено, бидејќи, како што тврдат, општинските власти поставиле пумпи во отпадни води со цел зголемување на притисокот во водоводната мрежа.
„Неспособноста и аматеризмот на коалицијата на СДС, ДУИ и Арбен Таравари во Гостивар, кои го доведоа градот во колапс, излегоа на површина“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата посочува дека во изминатите денови над 1.000 граѓани од Гостивар, меѓу кои и деца, побарале лекарска помош поради симптоми на труење, а според сомнежите, причината за тоа е загадување на водата за пиење.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека случајот, како што наведуваат, го покажува начинот на кој локалната самоуправа во Гостивар ги извршува своите обврски и додаваат дека граѓаните биле оставени без основното право на чиста и безбедна вода за пиење.
„Ваквиот начин на водење на локална самоуправа, кој граѓаните ги остави без елементарно право на чиста и безбедна вода за пиење, е доказ дека СДС, ДУИ и Таравари немаат капацитет да ја водат општината“, велат од партијата.
Во соопштението се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ е „заедно со гостиварчани“ и дека го осудува, како што го нарекуваат, скандалот во Гостивар, изразувајќи загриженост за здравјето и животот на граѓаните.
Од партијата бараат надлежните институции целосно да го расветлат случајот и повикуваат секој за кого ќе се утврди дека со своите постапки го загрозил здравјето и животот на граѓаните да одговара согласно закон.
