Во Германија ситуацијата со недостиг на квалификувана работна сила во првиот квартал од оваа година дополнително се влоши, објави денеска Институтот за германска економија.
-Во март, бројот на непополнети работни места за кои работодавачите не можат да најдат соодветна работна сила се зголеми за дополнителни 88.000 и сега изнесува рекордни 558.000, се вели во соопштението на Германскиот економски институт, кој се повикува на свое истражување.
Недостигот од квалификувани работници, според истражувањето, ги погодува сите сегменти на пазарот на трудот, но особено е изразен во областа на здравството, социјалнат а заштита, образованието и градежништвото.
-Само во секторите за здравство, социјална заштита и образование, шест од десет работни места не се пополнети поради недостиг на соодветна работна сила, се наведува во соопштението.
Во пандемските години, 2020 и 2021 година, приливот на квалификувана работна сила од странство забави, но трендот на зголемување на бројот на непополнети работни места започна многу порано. Една од причините е и пензионирањето на силната генерација од средината на педесеттите.
Федералната влада објави дека во последните години расте бројот на пензионери, односно лица кои наполниле 67 години, а се уште се активни на пазарот на трудот.