Цените од денеска во маркетите ги рушат сите рекорди. Откако Владата ги врати маржите и даноците на основните прехранбени производи килограм брашно за кое граѓаните плаќаа околу 35 денари, денеска се продава за 60 денари, а поскапен е и лебот, кој на полиците во маркетите се продава за 43 денари. Цените се зголеми меѓу 6 и 9 денари.
Маржите во малопродажба беа ограничени на 5 отсто кај лебот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло за јадење и сончогледовото масло за јадење, млекото, свежото месо и сувомеснатите производи. Одлуката почна да се применува од 1 март 2022 година, а траеше до вчера, 31 мај.
Целта беше, како што објасни тогаш министерот за економија Крешник Бектеши, да се ограничи растот на цените во следните три месеци. Маслото за јадење кое вчера беше 135 денари денеска достигна цена од 163 денари.
А, од полноќ се поскапени и горивата, цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари за литар, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Според новите цени, Еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, Еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.