Рекордно високи температури се забележани на првиот ден од новата 2023 година на северната страна на Алпите, во Швајцарија и Лихтенштајн, а за историски рекорди известуваат и од руските метрополи.
Во малиот северен швајцарски град Делемонт и во Вадуз, главниот град на Лихтенштајн, во неделата се измерени на 20 Целзиусови степени, објави Meteonews.
Претходниот рекорд во јануари бил измерен на 12-ти јануари 1993 година во Луцерн, кога изнесувал 19,4 Целзиусови степени. Во Делмонт на 1-ви јануари 2023 година, во неделата, пак, се измерени 20,9 степени. Вкупно 36 мерни станици измериле локално максимални температури на влезот во Новата година.
Истовремено во неделата научниот директор на рускиот Хидрометеоролошкиот центар, Роман Вилфанд, изјави за медиумите дека во неделата вечерта во главниот град Москва температурата изнесувала 4,3 степени, што по 50 години е нов топлотен рекорд за првиот ден од новата година.
Претходниот рекорд бил забележан на 1-ви јануари 1973 година, кога во Москва вечерта биле измерени 4,2 Целзиусови степени.
Истовремено се известува и дека во неделата во Санкт Петербург била измерена највисоката температура на 1-ви јануари во историјата на бележењето на метеоролошките набљудувања. Во ткн северна руска престолнина во неделата вечерта во 17 часот по локално време се измерени 4,8 Целзиусови степени.
Во Санкт Петербург, всушност денеска се регистрирани два рекорда, односно изминатата била и најтоплата новогодишна ноќ со плус 3,4 Целзиусови степени, а претходниот максимум на преминот од една во друга година бил забележан на 1-ви јануари 1937 година од 2,9 степени.