Во Портланд, Орегон, измерени се 42,2 степени Целзиусови, што е највисока температура досега забележана во тој град. Портланд е меѓу најмалку осумте градови во Орегон и соседната држава Вашингтон, во кои претходните рекорди се урнати или изедначени кога станува збор за високи температури, пренесува Гласот на Америка.

Во Сиетл, во државата Вашингтон, вчера измерени се 37,8 степени, со што стана најтоплиот ден досега забележан во јуни.

Ова е само четврти пат досега температурата во тој град да е толку висока.

Ваквите високи температури се сметаат за потенцијално опасна ситуација за регион каде што многумина живеат без климатизација, бидејќи ретко им е потребна.

Националната метеоролошка служба на САД издаде предупредувања за екстремни температури и повика на претпазливост во речиси цела држава Орегон и Вашингтон, заедно со делови од Калифорнија и Ајдахо, со порака до жителите дека последиците од овој топлотен бран можат да бидат фатални.

Експертите велат дека екстремните временски услови, како што е раната летна топлина што погоди делови од САД оваа година, не можат да бидат директно поврзани со климатските промени, но дека невообичаените временски обрасци може да станат почести поради глобалниот пораст на температурите.