Режисерот Милчо Манчевски повторно обвинува луѓе од Агенцијата за филм и од Друштвото за филмски работници на Македонија дека врз него вршат политички прогон. Тој ги нарекува кланови и мафијаши. Но, овој пат филмаџиите се решени да не му премолчат. Тие се убедени дека тој, Манчевски, потпомогнат од поранешната министерка за култура, пак се обидува да креира лажна слика во јавноста и да го одвратат вниманието од истрагата на институциите, кое треба да ги истражат матните зделки на неговата филмска продукција.
Македонскиот режисер Милчо Манчевски ја извести јавноста дека Меѓународната организација Филм индастри воч (Film Industry Watch) објавила текст во кој го опишува случајот на режисерот и „повикува да запре политичкиот прогон против него“. Манчевски информира дека во текстот се говори за неговите проблеми кои почнале кога тој ги пријавил Агенцијата за филм на Република Македонија (АФРСМ) и Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) за корупција, а Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија и Транспаренси Интернешнл го потврдиле она што го кажал. Како одмазда, вели тој, политичкиот систем ги блокирал неговите проекти, веќе завршениот „Кајмак“ и новиот филм „Збогум, Копакабано“. „Ова е студија на случај за политички прогон на истакнат свиркач (укажувач) кој пријавил корупција на највисоките нивоа на власта“, се вели во објавата на Манчевски на Фејсбук.
Манчевски потсетува дека реномираниот Филмски фестивал во Венеција, здруженијата на филмски работници на Италија, како и Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ и Македонската секција на ФИПРЕСЦИ му изразиле поддршка, „повикувајќи да запре политичката репресија против него која е предизвикана од фактот дека тој пријавил корупција во Агенцијата за филм и во Друштвото на филмски работници на Македонија“.
И во кусо интервју за МИА, Милчо Манчевски пред некој ден ги обнови своите обвинувања за „ моќни поединци“ од Агенцијата за филм и од ДФРМ, кои наводно тргуваат со моќ и распределуваат пари за филмската дејност. Манчевски ги нарекува „кланови“ кои „имаат заземено позиции и мафијашки владеат со државни институции“.
Плусинфо во неколку наврати досега ги пренесуваше ставовите на Манчевски и на институции и поединци коишто го поддржуваат како како жртва на политички прогон и како автор кому Агенцијата за филм и Друштвото за филмски работници му ги банира проектите. Почитувајќи ја етичката обврска да се слушне другата страна, по најновото актуелизирање на јавната полемика од негова страна, Плусинфо побара став од луѓето што тој ги обвинува, нарекувајќи ги клановска и мафијашка структура. Во оваа и во неколку други реакции кои ќе уследат, засегнатите први луѓе на ДФРМ говорат за „случајот Манчевски“.
Прво да се расчисти како „Банана филм“ успеа да „стопи“ 1 милион евра!
Манчевски е под истрага за финансиски злоупотреби на буџетски пари, потсетуваат од Друштвото на филмски работници на Македонија. Станува збор за пари на државната Агенција за филм. Прецизно, непокриени или неотчитани 950.000 евра. И покрај фактот што бил должен да поднесе извештај со материјални докази за тоа каде се потрошени речиси 1 милон евра, Манчевски тоа го нема сторено до ден денешен. Истражните дејствија за финансиското работење на продукцијата „Банана филм“, во сопственост на Милчо Манчевски, за овие пари, се во тек.
И покрај јавните и институционални прозивки, Милчо Манчевски се уште нема одговорено и за други сомнителни парични трансакции, како на пример за префрлување на строго наменети државни пари во негови лични фирми регистрирани во други држави, велат од ДФРМ.
Освен тоа, и покрај забраната, Агенцијата за филм под раководство на доскорешниот директор Владимир Ангелов, со негов потпис, а секако бесправно, самоволно донесува решение со кое ја симнува забраната за „Банана филм“ и овозможува Милчо Манчевски и понатаму да троши државни пари – спротивно на одредбите од Законот за филмска дејност, спротивно на одлуката на Управниот одбор на Агенцијата за филм (АФРСМ) и спротивно на одлуката на Вишиот управен суд. И за овој бесправен чин е поднесена пријава до Оосновното јавно обвинителство.
Манчевски добил пари за новиот проект и покрај институциионалната забрана
За појаснување, решението за финансирање на новиот проект на Манчевски, наспроти актуелната одлука на Управниот одбор, злоупотребувајќи ја својата позиција и користејќи ја надвор од директорските овластувања, го потпишал доскорешниот директор на Агенцијата за филм, Владимир Ангелов.
За овој преседан во работата на АФРСМ, Ангелов немал поддршка од Управниот одбор. Новиот останал на истата правна линија со стариот состав на Управниот одбор, кој исто така констатирал неотчетност и сомнежи за финансиски проневери од страна на продукцијата во сопственост на Милчо Манчевски, што го потврдува и одлуката на Вишиот управен суд.
Поранешниот директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, во чиј мандат е потпишано решението за стопирање на проектите на продуцентската куќа „Банана филм“, неодамна изјави дека постапил според Законот за филмска дејност, односно согласно налогот на УО и тој како директор бил должен да ја почитува одлуката на Управниот одбор на АФРСМ.
– Во мојот мандат го потпишав решението за стопирање финансирање на проектите на продуцентската куќа „Банана филм“, а врз основа на одлуката на Управниот одбор на АФРСМ. Според Законот за филмска дејност, директорот е должен да ги почитува одлуките на Управниот одбор, кој е управен орган на Агенцијата. За сомнежите поткрепени со документи, врз основа на кои е донесена одлуката на УО, беа известени сите надлежни институции, а Вишиот управен суд, постапувајќи по жалбата на АФРСМ од одлуката на Управниот суд, ги отфрли барањата на тужителот „Банана филм“ како неосновани и донесе решение проектите да останат стопирани до конечното затворање на истрагата – објасни Лазаревски.
Koja e спрегата меѓу Бисера Костадиновска Стојчевска и „Банана филм“?
Обвинетите за клановско и мафијашко поведение очекуваат и персонални и институционални одговори за тоа дали дали доскорешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска е во спрега со „Банана филм“, односно со сопственикот Милчо Манчевски и кој е нејзиниот евентуален интерес во случајот „Манчевски“.
– Ќе има ли одговор прашањето зошто Костадиновска Стојчевска, која била добро информирана за случајот, за сомнежите, за индикациите, но и за фактите за финансиски злоупотреби на компанијата на Манчевски, па и за тековните проблеми на филмаџиите, не соработувала зо решавање на состојбите? – прашуваат тие.
Бисера Костадиновска Стојчевска мора да одговори и на прашањето зошто и ресорното министерство – кое исто така било во тек со тоа дека филмската фела, односно Друштвото на филмски работници е бомбардирано со најразлични пријави од страна на „Банана филм“, за кои постапиле и инспекции на Министерството, Државната комисија за спречување на корупцијата и други органи, при што сите пријави биле отфрлени како неосновани – не застанало во институционална заштита на филмските работници.
Патем, според правни експерти, во постапката на директорот Ангелов постои ризик за казниво дело „неизвршување судска одлука“, поточно делото предвидено во Кривичниот законик во член 377, став 2: „Службено лице или одговорно лице во правно лице што ќе одбие да изврши правосилна и извршна судска одлука што е должно да ја изврши, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“
Зошто наумила министерката за култура да го „оправа“ Друштвото на филмски работници?
Во меѓувреме, за сомнежите врз кои е донесена оваа одлука на Управниот одбор и судот, истрага се води во Основното јавно обвинителство и во Управата за финансиска полиција , а известена е и Државната комисија за спречување на корупцијата. Севкупната документација за овие предмети на „Банана филм“ , Управата за финансиска полиција ја побарала од Агенцијата за филм во јули минатата година и до денес се води истрага.
И додека институциите не го кажале конечниот збор во истрагата за „Банана филм“, а доскорешната министерка останува заштитена со пратеничкиот имунитет со кој неодамна се стекна, сега потписот на Ангелов станува предмет на ОЈО.
– Зошто, од кои причини и со кои наменски мотиви, покрај контролните органи во Агенцијата, Управниот и Надзорниот одбор и нивните извештаи, Костадиновска Стојчевска формира т.н. „инспекциска комисија“ и објавува извештај со невистини за работењето на Агенцијата за филм и на Друштвото за филмски работници? – прашуваат првите луѓе на ДФРМ.
Тие сакаат да знаат зошто, од кои причини и од кои мотиви, во јавноста се пласира т.н. „Извештај за подобрување на работата на АФРСМ“, подготвен по налог на доскорешната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска и тоа нестрпливо и набрзина, во политичко време на предизборие.
– Tој „извештај“ преполн со невистини, лаги, тенденции со кои, несвесно или свесно, се оцрнуваат и целата македонска кинематографија и нејзините меѓународни достигнувања – велат тие.
Има ли корупција и кај Бисера Костадиновска Стојчевска?
Од ДФРМ се сомневаат дека со овој т.н. извештај, Костадиновска Стојчевска прави обид да се сврти вниманието на јавноста, па и на институциите, од веќе и институционално констатираните неправилности за работата на „Банана филм“ на Милчо Манчевски, за кои постапува Основното јавно обвинителство.
Дотолку повеќе што споменатиот извештај е подготвен од работна група, на чие чело е Весна Илиевска, државен советник во Министерството за култура, позната како блиска пријателка на Манчевски, која освен фабрикуваниот извештај, се јавува и како автор на серија таканаречени „правни мислења“ што служат како инструмент за олеснување на процедурите при извршување на спорните дејства поврзани со финасирањето на проектите на Манчевски, велат од ДФРМ. Но, според правните експерти, овие „правни мислења“ немаат вистинска правна тежина, тие се само параван кој на ниту еден начин не ги штити потписниците и извршителите на против правните дејствија во случаите со Манчевски и на неговата продукциска компанија.
Ваквите чудни постапки, несомнено мирисаат, најблаго речено, на коруптивни дејствија и притисоци кон поединци и институции, евентуално во насока да се спречи натамошната истрага кон Манчевски која се води пред ОЈО во соработка со Управата за финансиска полиција.
– Дали е ова обид да се попречи истрагата и да се видоизмени впечатокот во јавноста додека Манчевски веќе со години, а без никаков ефект, прави постојан притисок, со неосновани кривични пријави кон сите инволвирани кои одлучувале за поддршка на неговите проекти во Агенцијата за филм, во обид да го прикрие сопствениот криминал? – прашуваат засегнатите од ДФРМ.
Како успеа „прогонетиот“ Манчевски од владата на СДСМ да добие 2,5 милиони евра за 3 филма?
Тие прашуваат дали ова е негов обид, тој самиот, Милчо Манчевски, според сопствени написи во јавноста, себеси да се прикажува како жртва на политички прогон и тоа токму во време на политички околности во кои од доскорешната влада на СДСМ тој лично добива поддршка за три играни филмови, односно финансиски средства во вредност од безмалку 2,5 милиони евра?
За неговото „незадоволство“ од поддршката од државата, од која секогаш го исползувал максимумот, своевремено реагираше и министерката за култура Елизабета Канчевска Милеска која во 2017 година изјави:
„Особено значајана финансиска помош од државата е издвоена и за режисерот Милчо Манчевски кому преку Министерството за култура и Филмскиот фонд на Манчевски во изминатите 10 години му се исплатени близу 280 милиони денари“.
Филмските работници ги чекаат одговорите и резултатите на институционалните постапки и процедури, пред се како морална сатисфакција за нивната посветеност на филмската уметност. Од друга страна, финалето на истрагите конечно треба да ја расчисти и дилемата дали во Македонија навистина постојат филмаџиски кланови и мафијаши, како и политички прогонети лица. А ако постојат такви нешта, дефинитивно треба да се разбистри и тоа кој кого прогонува и зошто.
Преземено од ПЛУСИНФО