Владата не е против зголемување на минималната плата, туку напротив – нејзината стратешка цел е континуиран раст на сите плати и подобрување на животниот стандард, но исклучиво преку системски, договорени и економски одржливи решенија, порача заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Во гостување на емисијата „Став на регионот“ на регионалната телевизија Newsmax Balkans, Ристески истакна дека Владата останува посветена на трипартитниот социјален дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС), како и дека е отворена да дискутира транспарентно за сите прашања.
– Во моментов минималната плата се регулира со системско решение кое е донесено од страна со ЕСС и со поддршка на ССМ, по формула која е донесена пред неколку години. Тогаш ова решение беше претставено како голема победа и конечно воведување на системско решавање за утврдување и зголемување на минималната плата, без административно и политичко мешање во нејзиното креирање. Денес, истиот тој ССМ има сосема поинаков наратив и став за овој договор, кој тогаш донесе минимално зголемување во време кога имавме екстремно висока инфлација, а во време на стабилизирана економија и инфлација од 4 проценти бараат зголемување на минималната плата надвор од оваа законска формула за 50 проценти. Ова нивно однесување, без притоа да се земе во предвид и еден од најрелевантните економски показатели, а тоа е продуктивноста на трудот, укажува дека нивните барања се без каква било економска логика – рече Ристески.
Според него, паушалните споредби со другите држави може да дадат искривена слика за состојбите, бидејќи секоја економија е различна и има свои карактеристики.
– Македонската економија има специфична структура каде над 90 проценти од постоечките компаниите се микро, мали и средни претпријатија, како и занаетчии и поединци-трговци кои вработуваат најголем дел од работната сила и кои ќе бидат најдиректно засегнати од овие прашања и одлуки. Дополнително, имаме и сектори во државава, пред се поврзани со трудово-интензивните гранки како што се текстилната и кожарската индустрија, каде што минималната плата е најзастапена и каде секое непромислено зголемување може директно да го загрози опстанокот на работните места – додаде Ристески.
Оцени и дека е потребен сериозен пристап при решавањето на економските прашања, кои базираат на анализи и податоци со цел носење системски решенија кои треба да произлезат од договор во рамки на ЕСС.
– Како Влада остануваме посветени на спроведување политики со кои ја зајакнуваме економијата во државата и го зголемуваме животниот стандард, но тоа не се прави со ад-хок решенија и со носење на административно-политикантски одлуки. Минималната плата мора да се зголемува системски, одржливо и во рамки на економските реалности – подвлече заменик-министерот Ристески.
