Жарко Ристески вели дека ветија живот за Македонски Брод, а од Македонски Брод почнаа да заминуваат и најупорните оптимисти.
-Две децении како социјален работник се борам за правата на лицата во социјален ризик, за децата со посебни потреби, децата без родители и родителска грижа, за социјална правда и еднаквост, а како градоначалник уште поинтезивно дека ќе се борам за правата на овие категории, а како родител ќе се борам за сите деца да имаат еднакви можности за раст и развој во Македонски Брод. На младите светот останува и тие се нашата заедничка иднина за која имаме огромна обврска да се грижиме и да им обезбедиме убава, чиста и економски стабилна општина, а ние сме таа генерација од која што треба да започнат промените и заедно да започнеме со создавање на убави можности за живеење каде што младите ќе бидат дел во процесот на донесување на одлуките во секој сегмент на секојдневното живеење. Мојата визија е Македонски Брод да биде пристојно место за живеење каде сите жители ќе имаат еднакви можности за развој без разлика на социјалниот статус или политичката припадност, истакна Ристески.
Посочи дека општинска администрација ќе биде во служба на граѓаните, а Македонски Брод ќе го развиваме подеднакво на целата територија и ќе посветиме внимание на секое населено место.
-Конечно градскиот кеј, за кој сонуваа многу генерации ќе стане реалност, а колекторските системи во Македонски Брод и Самоков ќе се стават целосно во функција. За децата со посебни потреби во с. Долни Манастирец ќе изградиме детско игралиште, селата Црешнево, Локвица, Вир ќе добијат нов водоснабдителен систем, а многу инфарструктурни проекти ќе се реализираат и во селата Бенче, Брест, Самоков, Косово, Звечан. Но не треба и нема да го забораваме Поречието, недопрената природа, чистиот воздух и гостопримството на поречаните , кои се добар ресурс за развивање на руралниот туризам. Поддршката на туризмот има значајна улога и е една од стопанските дејности во секоја држава, а особено значаен фактор во економскиот развој на малите општини каде што треба да се обрне поголемо внимание, а тоа ќе го направиме со изработка на детална туристичка мапа во која ќе се промовираат културните, историските и природните богатства на општина Македонски Брод, а со тоа и привлекување на нови инвестиции и креирање на нови работни места. Потребно е на нашите граѓани да им создадеме услови за квалитетно културно и спортско живеење, афирмација на материјално-духовното културно наследство, промоција и поддршка на многубројни спортски настани и проекти по кои ќе биде препознатлива општина на мапата на спортски настани во нашата држава. Ќе се вмрежиме со бизнис секторот и невладиниот сектор, се со цел да обезбедиме нови работни места и да развиеме голем број на услуги, само така Македонски Брод може да биде пристојно место за живеење. Јас од вас не барам да ми дадете власт и да владеам со Македонски Брод. Јас барам да ми овозможите да ја менаџирам општина Македонски Брод, а тоа значи во наредните четири години заедно да го креираме општинскиот буџет заедно да решаваме каде ќе се трошат нашите народни пари и на кои проекти ќе им дадеме приоритет. Излегувам чесно и искрено пред Вас и се обврзувам со конкретна програма и конкретни проекти и конечно нека победи Македонски Брод. Затоа Ве повикувам сите кои искрено ја сакаат Македонија и Македонски Брод да застанеме рамо до рамо сите заедно и да издвoјуваме победа, голема победа за Македонски Брод. За сите Вие кои имате искрени и чесни намери има место во нашата кампања која ќе биде позитивна и оптимистичка, потенцира Ристески.
Да го вратиме заедно оптимизмот во Македонски Брод кој низ годините ни беше одземен.
Конечно нека победи Македонски Брод !
Македонски Брод и Поречаните тоа го заслужуваат!