Оваа власт ги турка пензионерите во сиромаштија. Ако се очекуваше решение кое ќе биде помош на пензионерите во оваа сиромаштија и криза видовме дека и оние најавени 6,8% не ги добија, туку 5,3%, што значи скратено им е и една четвртина од тоа најавено покачување. Власта ги понижи пензионерите бидејќи не се живее со 12-13.000 денари, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески за Анализа на ТВ24.

Ристески потенцираше дека тоа што власта и министерката не сакаат да кажат е дека најниските пензии се зголемени само за околу 700 денари.

– Со ова процентуално зголемување јазот помеѓу пензионерите се зголемува, а не се решава проблемот. Народски речено тој што има пак да има, а тој што нема пак да нема. Едно влегување во продавница чини повеќе од дупло од тие 700 денари. Двајца пензионери до 12-13.000 денари не можат да ја платат потрошувачката кошничка, истакна Ристески.

Тој посочи дека со месеци пензионерите протестираат затоа што немаат леб да си купат.

– Она што го кажува министерката „политики на добро владеење“ го направија проблемот. Ако неколку години се нивелираа пензиите немаше ваква да се појави разликата помеѓу платите и пензиите. Зборуваат дека нема средства за линеарно покачување, а линеарното покачување нема да се одрази на планираниот буџет ако се распределат средствата рамномерно. Има највисока инфлација во историјата, има 46% пораст на трошоците за храна кои се најважни за пензионерите, изјави Ристески.