Зголемување на минималната плата преку економски одржливи решенија
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, појасни дека Владата е посветена на зголемување на минималната плата, но тоа мора да се постигне преку системски и економски одржливи решенија, а не со ад-хок одлуки. Тој нагласи дека континуираниот раст на платите е стратешка цел, со фокус на подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Во гостување на емисијата „Став на регионот“ на регионалната телевизија Newsmax Balkans, Ристески истакна дека Владата останува посветена на трипартитниот социјален дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и е отворена за транспарентни дискусии за сите прашања.
Минималната плата и економската логика
– „Во моментов минималната плата се регулира со системско решение кое е донесено од страна со ЕСС и со поддршка на ССМ, по формула која е донесена пред неколку години. Тогаш ова решение беше претставено како голема победа и конечно воведување на системско решавање за утврдување и зголемување на минималната плата, без административно и политичко мешање во нејзиното креирање. Денес, истиот тој ССМ има сосема поинаков наратив и став за овој договор, кој тогаш донесе минимално зголемување во време кога имавме екстремно висока инфлација, а во време на стабилизирана економија и инфлација од 4 проценти бараат зголемување на минималната плата надвор од оваа законска формула за 50 проценти. Ова нивно однесување, без притоа да се земе во предвид и еден од најрелевантните економски показатели, а тоа е продуктивноста на трудот, укажува дека нивните барања се без каква било економска логика“ – рече Ристески.
Тој додаде дека споредбите со другите држави понекогаш создаваат искривена слика, бидејќи секоја економија има свои специфики.
– „Македонската економија има специфична структура каде над 90 проценти од постоечките компании се микро, мали и средни претпријатија, како и занаетчии и поединци-трговци кои вработуваат најголем дел од работната сила и кои ќе бидат најдиректно засегнати од овие прашања и одлуки. Дополнително, имаме и сектори во државава, пред се поврзани со трудово-интензивните гранки како што се текстилната и кожарската индустрија, каде што минималната плата е најзастапена и каде секое непромислено зголемување може директно да го загрози опстанокот на работните места“ – додаде Ристески.
Потреба од аналитички пристап и податоци
Ристески оцени дека економските прашања бараат сериозен пристап, базиран на анализа и податоци, со цел носење на системски и одржливи решенија, кои произлегуваат од договор во рамки на ЕСС.
– „Како Влада остануваме посветени на спроведување политики со кои ја зајакнуваме економијата во државата и го зголемуваме животниот стандард, но тоа не се прави со ад-хок решенија и со носење на административно-политикантски одлуки. Минималната плата мора да се зголемува системски, одржливо и во рамки на економските реалности“ – подвлече заменик-министерот Ристески.
