План за укинување на роаминг трошоците
Македонија се подготвува да стане првата земја во регионот што ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во Европската Унија. Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, посочувајќи дека граѓаните нема да плаќаат дополнително при користење мобилни услуги во ЕУ.
Тој објасни дека повиците, пораките и интернетот ќе се користат без дополнителни надоместоци при престој во земјите членки.
„За роамингот ветив – ќе бидеме прва држава која ќе ги исполни задачите. Тоа значи нема да плаќате дополнително кога сте во ЕУ. Балканскиот модел на роаминг сакаме да го пресликаме и за ЕУ. Ние ја завршивме својата работа, го испративме текстот до ЕУ за мислење и ќе го изгласаме во Собранието,“ изјави Андоновски.
Дополнително, министерот посочи дека пред две недели пристигнале нови прашања од Европската Унија. Сепак, планот останува ист и институциите продолжуваат со подготовка на законската регулатива.
ЕУ интеграции и ставот за гаранции
Во однос на европската интеграција, Андоновски нагласи дека државата не се откажува од процесот. Тој посочи дека реформите се спроведуваат и обврските се исполнуваат.
„Не би можел да кажам дека се откажуваме од ЕУ, колкав напредок имаме направено дома во врска со реформите, можам да кажам дека ги исполнуваме задачите кои ни се дадени како државата. Нашиот став е принципиелен и се држиме дека било каква промена и чекор од македонска страна ќе мора да биде со гаранција. Немаме отпочнато преговори, не отвораме кластери, а од нас цело време се бараат некои отстапки, на штета на македонските национални интереси,“ изјави Андоновски.
