Новореденче со сепса почина на Детската клиника во Скопје, потврди демесла директорката на клиниката, Стојка Нацева Фуштиќ.
Мајката на бебето на социјалните мрежи ја опишува голготата која ја поминала и обвини за негрижа, на сестрите и на докторите.
Иако знам дека нема здравство има едно нешто, а тоа е Господ. Тој гледа се и тој ќе ви суди. Секој врисок на родителот и детски плач ќе ве мачи до последниот здив!!, пишува таа.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
Целиот персонал кој ме породуваше во Прилеп знаат дека родив здраво машко дете со 2700g и АПГАР 10(многу редок АПГАР). Бев префрлена во болничката соба после пораѓај, а детето беше земено за испитувања на кои ми потврдија дека сé е во ред. По неколку часа го донесоа да го видам, беше едно од бебињата кое беше највесело, веднаш почна да цица и сé се чинеше во ред. По два дена ми беше кажано дека ќе го носат на зрачење од бебешка жолтица 6 часа и после тоа дека ќе ме пуштат дома. Во меѓувреме докторката која нема да ја споменам ми спремаше отпусна листа и ми даваше насоки како да му давам Д3 капки и по една недела да одиме на контрола. По 6 часа јас бев спремна да си одиме, дојде сестрата и ми кажа дека бебето ќе биде зрачено уште 6 часа за да не морало да се враќаме пак тука. Вечерта детето ми беше донесено само половина час и го зедоја. Што се случуваше таа вечер ќе остане секогаш мистерија. Што правеле сестрите кои биле оставени без доктор во цел оддел. Во 5:30 наутро дошла докторката која кога видела што се случува со бебето почнала да му вика што направиле со него. Му направила уште една крвна слика која сега ми кажува дека “ БЕШЕ СУПЕР”и дека немало никакви знаци на инфекција. Во меѓувреме доаѓа кај мене исплашена и исто така ме прашува што се случува со бебето која немам врска што му правеле предходно, растревожена не и одговорив ништо на што се надоврза дека не е ништо страшно и дека ќе биде пратено Скопје поради жолтицата и дека таму имале подобри апарати. И поверував и на тоа и слегов во ходникот, ги чекав да го донесат бебето и да одиме во амбулантското комбе додека тие заминаа преку друг излез за да ме избегнат и да не го видам детето. Кога отидов го видов детето со кислородна маска за дишење (ДАЛИ НА БЕБЕ СО ЖОЛТИЦА СЕ СТАВА КИСЛОРОДНА МАСКА ЗА ДИШЕЊЕ?). Стигнавме на Клиниката за Детски Болести, и веднаш беше хоспитализирано на интензивна нега. Си заминав дома со празни раце. Дента на хоспитализирање ми кажаа дека е инфекција, а по два дена испитувања дека детето фатило тешка сепса и дека како такво било донесено од Прилепската Болница. Детето ми го лечеа во Скопската Клиника една недела но за жал не успеа да ја надмине болеста која му беше наследена од болничката НЕгрижа на сестрите и докторите кои ги нема. Како е можно дете испратено од болницата со многу добар изговор за мали деца “БЕБЕШКА ЖОЛТИЦА” а таму однесено со ТЕШКА СЕПСА која е добијана од НЕгрижата на сестрите кои во тек на своите вечерни смени спијат, докторите кои ги нема и НЕхигиената на целата болница. Иако не сме лекари знаеме дека зад сето ова постои друга причина која треба да биде кажана но сите се кријат зад своите бели мантили и купени дипломи. Кога отидов во болницата да прашам кој ќе ја носи одговорноста за моето дете излегоа докторката и сестрата која била на смена таа вечер кои без никаков срам одговорот им беше “Се чудиме и ние” (Бидејќи во здравството сите се чудат и немаат одговор за никакви нивни грешки). За смртта на моето дете вие СЕ ЧУДИТЕ?? Моето дете водеше битка за животот која му беше нанесена. Уште колку деца на душа ќе земете? Зошто кријавте? Што му направивте? Колкава е разликата помеѓу жолтица и сепса? Зошто ако беше болно од почеток не беше однесено туку чекавте три дена? Затоа што детето беше здраво право и со толку голема желба за живот, ете затоа.
Иако знам дека нема здравство има едно нешто, а тоа е Господ. Тој гледа се и тој ќе ви суди. Секој врисок на родителот и детски плач ќе ве мачи до последниот здив!!