Родители, наставници и активисти од граѓанската иницијатива,, Учебници и настава мора да има” и од Асоцијација “Либрис плус” најавија протест доколку во рок од 15 дена не се реши безбедноста на учениците во училиштата.
Како што велат од Асоцијацијата, испратено е барање до Кабинетот на Министерот во кое е дадена временска рамка од 15 дена да се реши проблемот со дојавите за бомби.
,,После состаноците донесовме одлуки и испративме барање до Кабинетот на Министерот во кое дадовме временска рамка од 15 дена да се повика на МВР и други безбедносни органи со цел да го решат проблемот со дојавите за бомби и учениците да имаат безбедно и непречено образование во училиштата. Јасно истакнавме дека наставата на далечина е неприфатлива за сите нас. Доколку не се реши овој проблем кој е тежок товар за сите, после 15 дена ќе излеземе на протест и таму ќе ги искажеме сите останати незадоволства и неправди со кои се соочуваат нашите деца во образованието”, пишува во дописот од Асоцијацијата “Либрис плус”.
Тие ги повикаа сите совети на родители, училишни одбори,сите високо-образовни институции во Македонија, поединци, организации, градоначалници, комисиите за образование од сите политички партии, како и сите политички партии без разлика дали се или не се во законодавниот дом, сите заеднички и сериозно да делуваат.
,,Ве повикуваме сите да застанете со нас родителите да го спречиме тонењето на образованието и да ги сопреме овие контроверзни образовни политики додека не биде доцна. Чашата е прелиена! Немаме учебници, немаме свидетелства, немаме безбедност еве сега сакаат да НЕМАМЕ И НАСТАВА. Повикуваме до целата јавност да биде со нас заеднички да ги спасиме нашите деца и идните генерации! Децата се нашата иднина, а со вакво образование нема да имаме иднина. Не можеме повеќе да останеме неми на овие неправди! Да се сплотиме сите заедно Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми и сите националности кои живеат под ова небо”, пишува во дописот на Асоцијацијата “Либрис плус”.