Директорите на повеќе градинки во главниот град со кои разговаравме рекоа дека без решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат не можат да ги вратат децата. Па така, и покрај забраната, тие беа принудени да ги згрижат. Во дел од градинките, пак, се барале копии од вакцинални картони.

Забрана за прием на невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца со ди-те-пер вакцината има не само во Скопје, туку на ниво на цела држава, рече министерот за здравство, кој рече дека се прават засилени надзори.

„Официјализација со документ е од денес. Но, ние не функционираме само со писмени наредби. Одамна е пристапено и сум имал и јавни изјави да се вратат тие деца што се невакцинирани“, изјави министерот за здравство, Илир Демири.

Од ДСЗИ потврдуваат дека инспекторите се на терен. Секоја градинка ќе добие решение.

„Од денеска почнуваме со вонредни инспекциски надзори, сите градинки ќе добијат решенија за забрана. Оние деца коишто се целосно вакцинирани секако дека ќе бидат примени, а за другите останува мерката дека не можат да посетуваат градинка додека не бидат целосно имунизирани“, изјави Рената Младеновска-директор на Државен санитарен и здравствен инспекторат.

Центарот за јавно здравје-Скопје на 8-ми февруари прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести. Вонредните контроли на здравствениот инспекторат доаѓаат по препораката на комисијата и одлуката на министерот за здравство за да се спречи ширењето на големата кашлица.

Извор: МРТ