Вкупно 39 години затвор добија осудените шестмина за автобуската несреќа која пред речиси пет години се случи близу селото Ласкарци, а во која загинаа 16 луѓе и над 30 беа повредени. Најблага казна, 4 години затвор, доби газдата на фирмата „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули. Роднините на загинатите разочарани, пренесува Радио Слободна Европа.

По речиси пет години поминати во судски рочишта, Кривичниот суд во Скопје ги прогласи за виновни шестмината обвинети за автобуската несреќа кај Ласкарци. Најголемата затворска казна ја доби возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кој на 13 февруари 2019 управуваше со автобусот кој излета од патот, при што загинаа 16 луѓе, а над 30 беа повредени. Тој е осуден бидејќи возел со недозволена брзина од 99 километри на час што предизвикало сообраќајна незгода со смртни последици.

Но, првообвинетиот во овој процес, сопственикот на фирмата „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули беше осуден на 4 години затвор, а одговорниот во неговата фирма за транспорт Ремзи Мифтари доби построга казна, вкупно 6 години затвор.

„Тие се осудени затоа што во период од 2017 до 2019 година не се придружувале до прописите за безбедност на автобускиот сообраќај, и свесно и континуирано дозволувале во сообраќај да учествува неисправно возило, без да преземат мерки за негова поправка, иако биле свесни за можните последици“, се вели во пресудата.