Имаме голема шанса уште во јуни да дојдеме до решение за спорот меѓу Македонија и Бугарија, порача германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, на заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Рот вели тоа што било договорено на средбите во Берлин за време на германското претседателство било добра основа, а сега треба да биде моделирано од португалското претседателство и останува оптимист дека ќе се успее.

-Сега имаме голема шанса уште во јуни да дојдеме до решение кое од сите засегнати страни може да биде прифатено. Вие имате такво барање и португалското претседателство со Советот активно работи за такво решение, а ние во сојузната влада во Берлин го поддржуваме тоа онаму каде што можеме. Се надевам дека ќе го имате неопходното трпение бидејќи важни се и реформите, тоа е мојата порака до владата овде, рече Рот.

Тој уште еднаш порача дека ЕУ нема проблем со Северна Македонија туку дека станува збор за билатерален проблем кој мора да го решат двете земји. Рот испрати и порака дека неопходно е да се продолжи со реформите за владеење на правото, со борбата против криминалот и корупцијата, непотизмот

Министерот Димитров рече дека не може да открие детали, бидејќи фокусот е во дипломатските разговори и тоа што денес претседателите на двете земји, Румен Радев и Стево Пендаровски се сретнаа и ќе бидат заедно во Рим е јасен сигнал дека се обновува дијалогот и дека со добра волја ќе се најде евроспко решение.

Министерот за Европа Рот доаѓа во пресрет на јунскиот состанок на Советот на ЕУ, па во тој контекст акцентот на неговата посета ќе биде ставен на што побрзо усвојување на преговарачката рамка за Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.