Марко Рубио најави технички разговори и професионален процес за позитивен исход
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска соопшти дека започнуваат технички разговори меѓу САД, Данска и Гренланд, поради интересот на претседателот Доналд Трамп за територијата. Рубио нагласи дека е воспоставен „професионален процес“ кој треба да доведе до „добар исход за сите“.
На сослушувањето пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека состаноците на техничко ниво со партнерите од Гренланд и Данска веќе се во тек или се во подготовка. Тој оцени дека процесот ќе се спроведува редовно, професионално и без да привлече прекумерно медиумско внимание.
Разговорите се однесуваат на националната безбедност и се избегнува медиумска драма
„Сакаме да го направиме ова без да го претвориме секој разговор во медиумски спектакл, бидејќи тоа остава повеќе простор за флексибилност и позитивен исход од двете страни“, рече Рубио, пренесува Си-Би-Ес Њуз.
Тој додаде дека верува оти разговорите ќе резултираат со позитивно решение и дека очекува слични пораки од европските партнери наскоро. Рубио нагласи дека интересот на Трамп за Гренланд е „јасен“ и дека станува збор за прашање на национална безбедност.
И покрај загриженоста на пратениците од двете партии за зголемената реторика на претседателот, вклучувајќи и споменување на можност за воена сила, Рубио потенцираше дека претседателот „јасно ставил до знаење дека САД нема да употребат сила или воена сила на Гренланд“.
Лапсусот на Трамп не го загрозува процесот
„Во моментов сме во добра позиција“, рече Рубио и додаде дека понатамошните разговори ќе започнат денеска.
Рубио призна и дека Трамп неколку пати го спомнал Исланд наместо Гренланд за време на говорот на Светскиот економски форум во Давос, што го нарече „лапсус“.
„Мислеше на Гренланд. Сите знаеме дека претседателите понекогаш прават вербални грешки“, заклучи Рубио.
