– Постои очигледна недоследност во изјавите на претставниците на НАТО за нивната желба за нормализација на односите со нашата земја со нивните реално потези, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека потезите на НАТО не покажуваат дека односите би можеле да се нормализираат, ниту пак дека е можно продолжување на дијалогот.
– Всушност, тие ги поткопаа изгледите тоа воопшто да се случи, посочи Песков.
Додека заменик-министерот за надворешни работи Александар Грушко вчера ја обвини Алијансата за дволичност, а шеф на Долниот дом на Парламентарната комисија за меѓународни прашања, Леонид Слуцки наведе дека Русија ќе возврати, но не нужно на ист начин.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на денешната прес-конференција во Брисел истакна дека одлуката на Алијансата за протерување на осумте припадници на мисијата на Русија во НАТО не е поврзана ниту со еден конкретен настан, но оти Северноатлантската алијанса мора да биде внимателна пред малигните руски активности.
Тој еден ден по протерувањето на руските дипломати истакна дека станува збор за осум „непријавени руски разузнавачи“ односно нивните активности не биле во согласност со нивните акредитации.
Столтенберг оцени дека односите помеѓу НАТО и Русија се на најниско ниво од крајот на Студената војна.
– Така е поради однесувањето на Русија. Ги видовме нивните агресивни акции, посочи Столтенберг, додавајќи оти Алијансата ќе продолжи со пристапот „на два колосека“ – одбрана и дијалог.