Русија планира да го намали производството на нафта за 500.000 барели дневно во март како одговор на западните ограничувања на цената на нејзината нафта поради војната во Украина, изјави денеска рускиот вицепремиер Александар Новак, пренесуваат руските медиуми.

„Денес целосно ја продаваме целата количина произведена нафта, но, како што беше наведено претходно, нема да продаваме нафта на оние кои директно или индиректно се придржуваат до принципот на „ценовниот плафон““, рече Новак, пренесе руската новинска агенција ТАСС.

Тој додаде дека „во тој поглед, Русија ќе го намали производството за 500.000 барели дневно“, што, според неговите зборови, „ќе помогне да се обноват пазарните односи“.

Цената на меѓународната референтна нафта Брент, денеска порасна за 24 отсто на 86,67 долари за барел. Групата на седум индустриски најразвиени западни земји воведе ограничување на цената на руската нафта испратена во незападните земји од 60 долари за барел.

Целта е да се задржи снабдувањето со нафта на глобалните пазари и да се спречи скокот на цените забележан минатата година, а истовремено да се ограничи рускиот профит што може да се искористи за финансирање на војната против Украина.

Ограничувањето на цената се спроведува со забрана на западните компании кои во голема мера ги контролираат транспортните и осигурителните услуги да работат со нафта чија цена е над таа граница. Русија претходно најави дека нема да продава нафта на земјите кои се придржуваат до тој плафон на цените, но руската нафта во последно време се продава под таа цена.

Сепак, ограничувањето на цената заедно со ембаргото на Европската унија за руската нафта и намалената побарувачка за нафта на глобално ниво во услови на забавување на светската економија значеше дека купувачите може да бараат значително намалување на цената на руската нафта, наведува агенцијата Асошиејтед Прес.