Надежда се намалува, очајот расте. Повеќе од 100 илјади волонтери од целиот свет брзаат да извлечат преживеани од урнатините по земјотрес кој ги погоди Турција и Сирија. Пет дена по катастрофалниот потрес, бројот на загинати надмина 20 илјади.

Повредени се повеќе од 80 илјади а претпоставките се дека под рушевините, заглавени се уште десетици илјади лица…Околу куповите со урнатини, се собираат преживеани, надевајќи се дека нивните најблиски, некако успеале да се спасат…Но шансите да се најдат живи, од час во час се намалуваат.

„Мојата сопруга се вика Шефика. Ја викав моја роза. Викнав по неа, но не слушнав ништо. Заедно бевме 52 години.“ – вели Касим Гундуз жител на Антакиа .

Пронаоѓањето на нови преживеани, заглавени под неколкуте илјади урнати згради во Турција и Сирија, ги охрабрува спасувачите и волонтерите продолжат со потрагата..По 90 часа под рушевините, спасени новороденче и неговата мајка..

„Секој пат кога доаѓам во шаторот, добивам многу прашања: дали ја најде мојата ќерка, дали го најде мојот син. Јас само морам да продолжам.“

Но, радоста не трае долго. За минута се менува со тага, додека улиците се полнат со телата на оние кои не успеале да се спасат.

„Планирав да ја облечам со венчаница, но сега ќе ја облечам во облека за погреб.

Првиот конвој со хуманитарна помош влезе и во Сирија. Без засолниште, вода и струја, стравувањата се дека многу од преживеани допрва ќе се соочат со проблеми. Од светската здравствена организација предупредуваат дека ако итно не им се помогне на настраданите, ќе следува уште една катастрофа која може да предизвика штета поголема од земјотресот. Студот и гладот погодија стотици илјади луѓе кои останаа без покрив над главата во една од најтешпките катастрофи што му се случија на регионот во изминатиоте децении.

„Ситуацијата во Сирија е многу тешка. Нема багери, нема амбулантни возила, храна, шатори, лекови. Лекарите молат за помош, им требаат лекови за да им помогнат на повредените.“ – вели Карим Масри волонтер /

Ова е седма најсмртоносна природна катастрофа овој век, по замјотресот и цунамито во Јапонија во 2011 година и земјотресот во Иран од 2003 година кога загинаа преку 30 илјади луѓе.