Руската „Спутник V“ ќе биде комбинирана со вакцината создадена од „Астра зенека“, во соработка со „Оксфорд“, во рамките на мало истражување, пренесува „Јуроњуз“. Истражувањето ќе трае до март следната година, а ќе вклучи 150 волонтери. Целта е да се види каква имунолошка реакција ќе создаде комбинирањето на двете вакцини.

Комбинирањето на „Спутник V“ со вакцината на „Астра зенека“ било предложено од произведувачите на руската вакцина во ноември. Според нив, оваа комбинација би можела да ја зголеми ефикасноста на британската вакцина. Двете вакцини се произведуваат со слична технологија, а вклучуваат безопасен вирус кој внесува генски материјал од протеинот на ковид-19 во телото, со што создава имунолошка реакција.

Претходно, слични истражувања за комбинирање вакцини биле спроведувани и во Азербејџан, Аргентина и Обединетите Арапски Емирати.

Истражувачи од Велика Британија истовремено тестираат комбинации на вакцината на „Астра зенека“ со други вакцини, меѓу кои и онаа на „Фајзер“ и на „Модерна“. Првичните резултати покажуваат дека комбинацијата на вакцините на „Астра зенека“ и „Фајзер“ создава силна имунолошка реакција.

Од Светската здравствена организација изјавиле дека мешањето на вакцините веројатно функционира, но недостигаат повеќе податоци за да се потврди претпоставката.