Две беспилотни летала лансирани од Украина нападнаа цели утрово во Москва, но беа пресретнати и уништени, соопшти руското Министерство за одбрана.
Руските државни новински агенции објавија дека делови од дроновите биле пронајдени на два километра од зградите на министерството. Оквалификувајќи го како „терористички напад“, Министерството за одбрана на Телеграм објави дека во нападот нема жртви.
Ниту Министерството за одбрана, ниту градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин не соопштија каде биле пресретнати беспилотните летала.
Руските државни новински медиуми јавија, повикувајќи се на итните служби, дека делови од дрон биле пронајдени во близина на зграда на авенијата Комсомолски, што е недалеку од зградите на Министерството за одбрана.
Сообраќајот на таа авенија е затворен, како и на авенијата Лихачев на југот на Москва, каде беше оштетена деловна зграда.
Од Киев засега нема коментар.