Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која е времено суспендирана, за „360 степени“ смета дека е добро што двата случаи – за Финансиската полиција и за станицата за технички преглед „Виа комерц“, на кои таа работеше, се распределени кај нејзини колеги и дека има доверба во нив дека ќе ги сработат предметите

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, со одлука на четиричлена комисија формирана од обвинителот Трајче Пеливанов, кој времено раководи со ОЈО ГОКК додека трае суспензијата на Вилма Русковска, предметите се распределени и ќе ги водат обвинителките Лиле Стефанова и нејзината колешка Катерина Коларевиќ.

„Сметам дека е добро што предметите се распределени кај колегите. Имам доверба во своите колешки и се надевам дека ќе ги сработат“,изјави Русковска за „360 степени“.

Од важните предмети, предистрагата за финансиската полиција ќе ја преземе Лиле Стефанова, а за техничкиот предмет „Виа комерц“ во кој беше регистриран автобусот на „Беса транс“ обвинителката Коларевиќ.